Финале за Ѓорческа на фјучрсот во Рим

July 13, 2024

Одличен резултат за најдобрата македонска тенисерка Лина Ѓорческа која попладнево со победата во полуфиналето на ИТФ фјучрсот W75 Рим над хрватската тенисерка Петра Марчинко од 2-1 во сетови (57 62 61) избори финале. Ова за Ѓорческа е второто финале во 2024 година (во март играше во Ларнака, Кипар), а вкупно 35.то во кариерата и има 13.титули. Воедно ова е финале на турнир со најголем награден фонд на кој ќе игра – 75.000 долари, претходно имаше два настапа на турнири од категоријата W60 на кои победуваше.

Самиот меч почна о брејк на македонската тенисерка, а во првите четири гема нитуи една тенисерка не успеваше да освои гем на свој сервис. Хрватката Марчинко поведе со 3:2 во гемови, но Ѓорческа врати и имаше водство од 5:3 во гемови, но до крајот на сетот освои само пет поени, а ривалката четири гема за да го освои првиот сет со 7:5 и водство од 1-0.

Во вториот сет повторно на стартот брејк за Ѓорческа, која по 1:1 во гемови направи серија од три гема за предност од 4:1 и сетот го заврши со 6:2 во гемови и успеа да изедначи. Дека е решена да игра финале македонската тенисерка покажа во решавачкиот сет кога поведе со 4:0 во гемови, што беше најава за победата во полуфиналето, откако сетот го заврши со 6:1 во гемови.

Мечот траеше 102 минути. Ѓорческа имаше 6 ас сервиси, а Марчинко само 1, а двојните сервис грешки беа значително намалени 4 за Лина, а 14 за хрватската тенисерка. Во вкупниот број на поени скорот беше 102:81 за Ѓорческа, а во вториот и третиот сет 62:36.

Во финалето противничка ќе и биде Оксана Селехметева од Русија (21 година, 415.место ВТА), која со убедливи 2-0 во сетови (60 62) ја победи Леа Бошковиќ од Хрватска (2, носителка). Селехметева најдобриот ранг во кариерата го имала на 8.август 2022 година кога била пласирана на 138-то место на ВТА.

Почетокот на финалниот меч е во 10:30 часот.

 

© Тениска Федерација на Македонија - Сите права задржани