Успешен настап на македонските млади тенисери на кампот во Анталија

March 13, 2024

Македонскиот младински тим имаше успешни десетина дена настапи на турнирите во Анталија, каде имаа можност да се натпреваруваат со врсници од уште девет други држави (вкупно 10). Воедно ова беше убава можност за размена на искуства и на тренерите на националните тимови во млади категории, особено што секојднево имаше и голем број на мечеви на повеќе терени.

Мечевите се играа во конкуренција на тенисери и тенисерки до 14 години – два турнира и еден турнир за тенисери и тенисерки до 12 години.

Македонија имаше учесници во шест финални мечеви, а во два македонските тенисери се радуваа и на победите.

Андреј Темов триумфираше на турнирот до 12 години, а македонскиот дубл Марко Алексовски и Александар Грујиќ победија на првиот од двата турнира во конкуренција на двојки за тенисери до 14 години. Сара Митевска одигра две финалиња на двата турнира (до 14 години) во поединечна конкуренција, а заедно со Анастасија Арсовска во двојки на вториот турнир играа финале, а на првиот беа полуфиналистки. Финале во двојки играше и Деа Крстевска на турнирот до 12 години заедно со Сара Трипиќ од Босна и Херцеговина.

Марко Алексовски во поединечна конкуренција имаше два пораза во четвртфиналето (во двата случаеви загуби од финалистите) и на крајот заврши со ранг на 5.место и на 6.то место. Александар Грујиќ на вториот турнир стигна до полуфиналето, каде загуби од победникот Керем Генц од Турција, додека на првиот турнир заврши на 9.то место. Арсовска на двата турнира беше елиминирана во второто коло во поединечна конкуренција, но во двојки имаше полуфинале и финале.

 

© Тениска Федерација на Македонија - Сите права задржани