Три победи и еден пораз е билансот од настапот на македонските тенисери на денешните мечеви на фјучрс турнирот М25 Куршумлијска Бања. Победа за пласман во второто коло избори Горазд Србљак, додека триумфи за влез на „главниот турнир“ изборија Обрад Марковски и Шендрит Деари, единствено Стефан Мицов не успеа да се пласира во „главниот ждреб“.
Србљак ја продолжи низата и во третиот меѓусебен дуел ја забележа и третата победа против српскиот тенисер Никола Јовиќ. Во двата сета Србљак беше сигурен и со 2-0 во сетови (60 63), обезбеди настап во второто коло. Во следната рунда ривал ќе му биде Бранко Ѓуриќ од Србија (19 години, 791.место АТП), кој со 2-0 во сетови (63 75) го совлада осмиот носител Даисуке Сумизава од Јапонија.
Обрад Марковски за 107 минути игра забележа победа во „финалето“ од квалификациите над Лука Тодоровиќ од 2-0 во сетови (63 64) и во првото коло утре ќе игра против Германецот Јаник Келм (19 години, 1297.место АТП).
Шендрит Деари беше на чекор од елиминација, но во 10.тиот гем од вториот сет спаси две меч топки, при резултат 5:4 во гемови за противникот Александар Љубојевиќ. Откако успеа да изедначи на 5:5 во вториот сет успеа да го освои со 7:5 во гемови (првиот го загуби со 2:6) и се избори за решавачки сет на поени. Во сетот на поени Деари водеше со 5:3, потоа со 7.4 и 9:5, но со серија од три поени противникот стигна до 9:8, за потоа Деари да ја реализира четвртата меч топка.
Стефан Мицов по двете победи во квалификациите во првите две рунди, во „финалето“ за влез на главниот турнир го предаде мечот против Георге Лазаров од Бугарија при водство на противникот од 6:2 во првиот сет и 2:1 во вториот сет.
Утре своите мечеви од првото коло ќе ги играат Марковски и Деари, додека на женскиот дел од турнирот настап ќе има и Магдалена Стоилковска, која ќе игра против третата носителка Пемра Озген од Турција.