Македонските тенисери кои настапуваа на турнирот Скопје Опен (до 14 години) што се играше на терените на ТК Југ изминатава недела запишаа три финални мечеви (едно сингл кај момчињата и во двете конкуренции во игра на двојки).
Марко Алексовски го играше финалето во поединечна конкуренција, а противник му беше Романецот Алберт Пипие, кој забележа победа од 2-0 во сетови. На патот до завршниот меч Алексовски, постигна убедливи победи од 2-0 во сетови против српските тенисери Никола Богавац (второ коло), Владимир Грубачиќ (трето коло) и Матеја Влаисављевиќ (четвртфинале). Меч во три сета за победа од 2-1 во сетови оствари против Унгарецот Мате Лип.
Александар Грујиќ и Алексеј Стојановски играа во финалето во конкуренција на двојки. Пуспешни во финалниот меч со 2-0 во сетови од нив беа Марко Павловиќ од Србија и Ксавиер Сандерс од САД. За пласман во финалето тие ги победија и првите носители.
Лина Николовска заедно со Летонката Монта Висоцанска го загубија финалето во конкуренција на женски двојки. Подобри од нив со 2-0 во сетови беа Мина Бачанин од Србија и Мелитина Котлиарова од Русија.
На турнирот настапија вкупно 23 тенисери и тенисерки од Македонија (12 кај момчињата и 11 кај девојчињата). Покрај финалето на Алексовски во сингл, Алексеј Стојановски играше во четвртфиналето, како и Анастасија Арсовска кај девојчињата.