Со победа во првото коло македонската тенисерка Магдалена Стоилковска го почна настапот на фјучрс турнирот во Шарм Ел Шеик. Таа ја совлада Нина Рудикова од Русија (23 год) со 2-1 во сетови (63 57 76(5). Клуч за победата беше подобрата реализација на брејк топките: Стоилковска 8/13, а Рудикова 7/17. Притоа 15-те двојни сервис грешки на македонската тенисерка не беа решавачки за конечниот резултат. Мечот траеше 2 часа и 44 минути, а беа одиграни 222 поена (114:108 за Стоилковска).
Во првиот сет Стоилковска почна со негатива и два загубени гема 0:2, но потоа направи серија од пет за водство од 5:2 за на крајот да го освои првиот сет со 6:3. Во следниот сет македонската тенисерка поведе со 3:1 во гемови, но Рудикова имаше серија од четири гема и поведе со 5:3. Стоилковска успеа да изедначи на 5:5, но сепак наредните два гема и припаднаа на руската тенисерка.
Во решавачкиот сет Рудикова водеше со 2:0 и 3:1, но Стоилковска потоа поведе со 4:3, па мечот се решаваше во тај брејк. Во „13.та игра“ Стоилковска имаше водство од 4:2 и 5:3 на поени, но Рудикова изедначи на 5:5, а потоа македонската тенисерка ја искористи првата меч топка.
Утре во второто коло Стоилковска ќе игра против втората носителка Јасмин Езат од Египет (втора носителка, 20 години, 756 место ВТА).
Инаку, Стоилковска вчера настапи и во игра на двојки заедно со Вероника Евалд од Полска и загубија од вторите носителки Викторија Михајлова и Александра Поспелова со 2-0 во сетови (64 76(3)).