Трета победа во низа и второ коло за Ивановски во Братислава

October 10, 2023

Најдобриот македонски тенисер Калин Ивановски ја продолжи серијата победи (три во серија – две во квалификации и една во прво коло) на Челинџер 125 турнирот (тврда подлога) што се игра во Братислава, Словачка за награден фонд од 145.000 евра. Тој денеска во првото коло го совлада победникот на овој турнир од 2014 година Германецот Петер Гојовчик со 2-0 во сетови (76 (3) 62) за 80 минути игра.

Македонскиот тенисер мечот го заврши со 9 ас сервиси, од кои три во последниот гем, а притоа не му дозволи на противникот ниту една брејк шанса. Ивановски имаше два брејка (во вториот сет) што се покажаа доволни за триумф во првото коло.

Во првиот сет двајцата тенисери го освојуваа гемот на свој сервис без брејк шанси до 12.гем кога сервираше Гојовчик. Во тој гем Ивановски не искористи три брејк и сет топки, но тоа не беше пречка во тај брејкот сетот да го добие со 7:3 на поени. По 1:0 на поени, Ивановски направи два „мини брејка“ за 3:0 и тоа водство го одржуваше до самата завршница кога и за 7:3 успеа да освои поен на сервис на ривалот. Во вториот сет македонскиот тенисер доминираше и успеа да направи два брејка во третиот и петтиот гем кога поведе со 2:1, а потоа и со 4:1 со што противникот немаше шанси во мечот.

Ивановски во второто коло ќе игра со победникот од мечот меѓу Томаш Махач (4 носител, Чешка) и Мартин Дам (САД).

 

 

© Тениска Федерација на Македонија - Сите права задржани