Голема победа за македонската тенисерка Магдалена Стоилковска во првото коло на фјучрс турнирот во финскиот град Савитаипале. Таа успеа да ја елиминира втората носителка Вероника Башак од Полска откако противничката во решавачкиот трет сет го предаде мечот. Во моментот на прекин резултатот беше 1:1 во сетови и 2:0 во гемови во третиот сет за Стоилковска. Мечот траеше 2 часа и 21 минута.
Првиот сет и припадна на полската тенисерка со 7:6 во гемови и 7:5 во тај брекот. Стоилковска поведе со 2:0 во гемови, но противничката имаше серија од четири гема за водство од 4:2. По 5:3 за Башак серија од три гема за македонската тенисерка која успеа да поведе со 6:5, но сетот се решаваше во тај брекот. Во вториот сет Башак поведе со 4:0 во гемови. Во петтиот гем на сервис на полската тенисерка, Стоилковска спаси гем топка, а потоа ја искористи четвртата за да го добие првиот гем во вториот сет и тогаш почна серијата. Во следните четири гема Стоилковска на противничката и препушти само два поена и поведе со 5:4 во гемови. Серијата од пет гема ја заврши со освојување на гемот на свој сервис по голема борба. Башак поведе со 0/40 со што Стоилковска спасуваше три врзани брејк топки, а потоа и уште една. Но, затоа пак првата сет топка нашата тенисерка ја искористи и изедначи на 1:1.
Во решавачкиот сет.во двата гема Башак освои по еден поен и потоа го предаде мечот.
Во текот на мечот Стоилковска имаше 6 брејка од 14 можности, а Башак 4/10.
Македонската тенисерка во второто коло ќе игра со победничката од мечот Маргарита Игнатјева (Летонија), која со 2-0 во сетови (62 63) ја совлада Луси Павлак (Франција).