Македонската тенисерка Магдалена Стоилковска по успешно минатите квалификации денеска загуби во мечот од првото коло на фјучрс турнирот во данскиот град Вејле. Поуспешна од неа беше домашната тенисерка Сарафина Оливија Хансен која победи со 2-0 во сетови (75 64) за 91 минута. Од 22-те одиграни гема на дури 12 имаше брејкови, а поуспешна беше Хансен која имаше 8 брејка, за разлика од Стоилковска која заврши со 6.
Во првиот сет нашата тенисерка поведе со 2:0 во гемови, но потоа противничката направи серија од четири гема за водство од 4:2. Сепак Стоилковска се врати резултатски и по 4:4 следуваше ново изедначување на 5:5. Во 11.тиот гем Хансен направи брејк за 6:5, а потоа го доби и гемот на свој сервис за водство од 1:0 во сетови. Во вториот сет по водството од 2:1 за данската тенисерка, Стоилковска „врза“ три гема и поведе со 4:2, но повторно следуваше „пад“ во играта и противничката го доби сетот со 6:4, а со тоа и мечот со 2:0 во сетови.
Стоилковска следната недела ќе настапува на фјучрс турнир во Савитаипале, Финска.