Македонските тенисерки Магдалена Стоилковска и Ива Данева не ја минаа првата пречка на фјучрс турнирот „Триглав Опен“ што се игра во Скопје за награден фонд од 40.000 долари. Двете македонски тенисерки ќе добијат и еден ВТА поен.
Од македонските тенисерки во сингл остана уште да настапува Лина Ѓорческа, која е рангирана како носителка број 4 и својот меч од второто коло (прв на турнирот) ќе го игра против Унгарката Лука Удварди (17 год., 702 место на ВТА листа).
Стоилковска денешниот меч од првото коло го загуби од Лексие Стивенс од Холандија (24 год, 505 место) со 2-0 во сетови (63 63) за 97 минути игра. Двата сета донесоа многу игра и долги поени, во кои холандската тенисерка беше сконцентрирана на својата дефанзивна игра и едноставно чекаше грешка на Стоилковска. Првиот сет почна со водство на македонската тенисерка со 2:0, а брзо резултатот стигна и до 2:2 па и 3:3, по што следуваше серијата од три гема на Стивенс за 6:3 во првиот сет. Во вториот сет иста слика но само сменети улоги на стартот. Стивенс поведе со 2:0, а Стоилковска се врати за 2:2 и 3:3, но повторно седмиот, осмиот и деветтиот гем ги освои холандската тенисерка.
Победничката имаше 6/8 брејк топки, а Стоилковска 3/4, но Холанѓанката внимаваше и на својот сервис и имаше 84% уфрлен прв сервис и дури 100% втор сервис.
Втората македонска претставничка која се појави денеска Ива Данева (17 години), имаше можност да почувстува што значи меч на професионално ниво. Респектот кон противничката и тремата го направија своето и мечот со Русинката Ксенија Ласкутова го загуби со 2-0 во сетови (60 и 61) за 66 минути. Единствениот гем Данева го освои на стартот од вториот сет кога изедначи на 1:1 и притоа тоа го направи со брејк.сепак искусната руска тенисерка (27 години) рутински го заврши мечот.
Денеска во рамките на попладневната програма во конкуренција на двојки ќе настапат Лина Ѓорческа и Деа Херџелаш (БиХ) против тенисерките од Грција Елени Кристофи и Димитра Павлу, а Магдалена Стоилковска со Србинката Ања Станковиќ ќе играат против Ксенија Ласкутова (Русија) и Ани Вангелова (Бугарија).
ФОТО: Денис Дуковски