Најдобрата македонска тенисерка Лина Ѓорческа со триумф го почна настапот на ITF фјучрсот Сплит 75 што се игра за нагарден фонд од 60.000 долари. Во првото коло македонската тенисерка ја совлада Германката Настасја Шунк (20 години) со 2-0 во сетови (62 63) за еден час и 4 минути.
Ѓорческа одлично го почна мечот и со два брејка стигна до водство од 5:0 во првиот сет што го заврши со сигурни 6:2, иако противничката освои два гема во низа. Во вториот сет македонската тенисерка по 1:1 направи серија од три гема за водство од 4:1 и потоа 5:2, а сетот го заврши со 6:3 што беше конечен триумф од 2:0 во сетови.
Во следното коло Ѓорческа утре (среда) ќе игра против 5.та носителка Вероника Ерјавец од Словенија која во првото коло ја победи квалификантката Џесика Малечкова од Чешска со истиот резултат како што славеше и Ѓорческа 2-0 во сетови (62 63). Ерјавец има 24 години и се наоѓа на 184.то место на ВТА листата. Во двата меѓусебни меча двете тенисерки имаат по една победа, Ѓорческа 2021 година во Врњачка бања, а Ерјавец во Капошвар 2019 година. Сите мечеви ги имаат играно на земјена подлога.