Горазд Србљак го заврши настапот на ИТФ фјучрс турнирот во Куршумлијска Бања откако денеска во четвртфиналниот меч загуби од Французинот Луи Теса со 2-0 во сетови (62 64). Мечот траеше 100 минути.
Македонскиот тенисер по двата маратонски меча во три сета во претходните две кола кога успеа да победи овојпат имаше за ривал одморен ривал, кој ги искористи своите шанси и од 10-те брејк прилики искористи 4, додека Србљак ја искористи единствената. Во првиот сет резултатот беше нерешен на самиот старт 1:1, а потоа Французинот направи предност од 4:1 што се покажа како решавачка. Во вториот сет имаше повеќе неизвесност, особено што Србљак водеше со гем предност до 4:3. Тогаш ривалот со три гема во низа го доби сетот со 6:4, а со тоа и мечот со 2-0 во сетови.
Горазд Србљак е пријавен за настап и на следниот ИТФ турнир во Куршумлијска Бања, а според досега пријавени играчи има „влез“ на главниот турнир.