Македонскиот тенисер Горазд Србљак го заврши настапот на ИТФ фјучрсот во Куршумлијска Бања откако денеска во мечот од првото коло загуби од седмиот носител Андреј Недиќ од Босна и Херцеговина со 2-1 во сетови (61 46 62) за 2 часа и 15 минути игра. Србљак имаше успешни три настапи и победи во квалификациите и со тоа се избори за денешниот меч, кој сепак му припадна на противникот 19-годишниот Недиќ.
Само еден брејк имаше македонскиот тенисер во мечот, наспроти пет на противникот.
Во првиот сет Недиќ почна со два брејка и водство од 4:0 во гемови, а првиот гем Србљак го освои во петтиот гем. Сепак до крајот на првиот сет двата гема му припаднаа на Недиќ за 6.1 во првиот сет. Во вториот сет веднаш на стартот Србљак направи брејк за водство од 1:0, а потоа поведе и со 2:0 и таа предност од два гема македонскиот тенисер ја зачува до крајот на сетот што го доби со 6:4 во гемови. Во решавачкиот сет по 1:1, во четвртиот гем од сетот Недиќ направи брејк за водство од 3:1, во следниот гем по 12 одиграни поени, Србљак испушти и една брејк топка да го врати „загубениот гем“. По 4:1 тенисерот од Босна и Херцеговина прдност ја зачува до крајот на сетот и го доби со 6:2 во гемови.
Србљак е пријавен и следната недела за настап на турнир во Куршумлијска Бања.