Македонскиот тенисер Горазд Србљак го заврши настапот на фјучрсот во Куршумлијска бања, Србија откако денеска загуби од вториот носител Свјатослав Гулин со 2-1 во сетови (62 67(4) 61) за 2 часа и 28 минути. Ова е втор пораз на Србљак од Гулин на последните два турнира во овие две недели во Србија. Македонскиот тенисер имаше брејк топки 2/6, а противникот 6/10.
За разлика од првиот меч нашиот тенисер успеа да освои еден сет,, но противникот кој е втор носител се покажа како подобро подготвен за меч во три сета. Во првиот сет, првиот брејк Гулин го направи во третиот гем и поведе со 2:1, а потоа и во седмиот гем имаше брејк за 5:2 и сетот го заврши со 6:2 во гемови. Во вториот сет имаше повеќе неизвесност, а почна со два брејка по еден за секој од тенисерите. Гулин повторно поведе со брејк 3:2 и водеше со 5:3 кога Србљак направи серија од три гема (со еден брејк) за водство од 6:5. Сепак во сетот решаваше „13-та игра“. Македонскиот тенисер почна одлично со 4:0 во поени и предноста ја сочува до крајот за 7:4 – 1:1 во сетови. Во решавачкиот сет по 1:1 во гемови, Гулин направи серија од пет гема и го доби сетот со 6:1.
Србљак за пласманот во второто коло ќе добие еден поен, а следната недела е пријавен за настап на фјучрс турнир на Златибор.