Македонските тенисери продолжуваат со настап на ИТФ турнирите во Куршумлијска Бања.
Оваа недела Горазд Србљак има директно учество, додека Шендрит Деари преку квалификациите се избори на настап на главниот турнир. Двајцата тенисери утре (среда) ќе ги играат мечевите од првото коло. Двајцата ќе играат на теренот број 4, Деари во првиот меч од програмата, а Србљак во третиот. Деари за противник го има осмиот носител Србинот Душан Обрадовиќ од Србија (во единствениот меч досега пред пет години Обрадовиќ победи), додека Србљак ќе игра против петтиот носител Грузиецот Саба Пурцеладзе (пред две години Србљак има победа во единствениот меѓусебен меч досега).
На патот до главниот турнир Деари денеска во финалето од квалификациите го победи Зоран Лудошки од Србија со 2-0 во сетови (64 76(5)) за 111 минути игра. Првиот сет Деари го доби по пресврт, откако ривалот водеше со 4:3 во гемови, а сетот заврши со 6:4. Во вториот сет Деари имаше предност од 2:0, 4:2 и 5:3 во гемови, а потоа мораше да се бори за тај-брејк откако Лудошки водеше со 6:5. Во тај-брејкот Деари водеше со 6:1 на поени, а потоа ја искористи дури петтата меч топка. Во второто квалификациско коло Деари го победи Франциско Монтана од САД со 2:0 во сетови (62 62).
Од македонските тенисери во квалификациите играа уште: Обрад Марковски (елиминиран во второто квалификациско коло), Стефан Мицов (елиминиран во второто квалификациско коло) и Андреј Тасевски (елиминиран во првото квалификациско коло).