Продолжуваат изненадувањата на Macedonian Open 2024

May 21, 2024

Првиот дел од денешната програма на ATP Challenger турнирот Macedonian Open донесе и неколку изненадувања. По вчерашната елиминација на првиот носител Сенг денес турнирот заврши и за носителот број 3 Енрико Дала Вале од Италија. Поуспешен од него беше неговиот сонародник Џовани Фонио кој мечот го доби со 2-0 во сетови (62 61) и во следното коло ќе игра против Жерар Кампања Ли.

Турнирот заврши и за носителот број 6 Самуел Винсент Руџери од Италија, кој со 2-0 во сетови (76(7) 61) загуби од Мирза Башиќ од БиХ.

Сигурен настап имаше Марко Чекинато од Италија (тенисер кој има победа над Новак Ѓоковиќ на Ролан Гарос). Тој откако го „скрши“ отпорот на Александар Лазаров од Бугарија во првиот сет беше убедлив во вториот и славеше со 2-0 во сетови (76(5) 61).

По успешно минатите квалификации денеска поранешниот тенисер број 16 на светот Николоз Басилашвили (фото) загуби со 2-0 во сетови (62 62) од Чехот Јонас Форејтек, кој утре во второто коло ќе игра против Полјакот Камил Мајчрзак.

Успешен ден имаа австриските тенисери. Жоел Шварцлер (најдобар јуниор на светот) избори следна рунда откако Сергеј Фомин од Узбекистан му го предаде мечот во третиот сет при резултат 1-1 во сетови (57 75 30 предадено). Неговиот сонародник Неил Оберлајтнер го победи Словенецот Бор Артнак со 2-0 во сетови (64 75).

Пласман во втората рунда избори и Италијанецот Александер Вајс, кој со пресврт стигна до 2-1 во сетови (36 76(3) 64) и го победи Јохан Никлес од Швајцарија.

Во поладневните часови треба на терените да се појават и македонските тенисери во конкуренција на двојки. Берк Бугариќ и Димитар Грабул ќе играат против Џорџ Голдхоф (САД) и Александру Жечеан (Романија), додека Амар Хусеиновиќ со Италијанецот Федерико Чина ќе играат против првите носители Гуидо Андреоци (Аргентина) и Мигуел Рејес Варела (Мексико).

ФОТО: ИГОР ПАНЕВСКИ

© Тениска Федерација на Македонија - Сите права задржани