По три сета триумф за Ивановски за финале на турнирот во Опатија

March 29, 2025

Македонскиот тенисер Калин Ивановски успеа да се пласира во финалето на ИТФ турнирот М15 Опатија откако денеска во полуфиналниот меч го соввалада третиот носител Михаел Врбенски од Чешка со 2-1 во сетови (64 36 63) за два часа и 37 минути игра. Воедно Ивановски ја продолжи серијата победи, има вкупно седум (заедно со трите во квалификациите) за шест дена. На патот до финалето Калин успеа да елиминира тројца носители (вториот Зденек Колар во четвртфиналето, Вјачеслав Биелински во второто коло и во полуфиналето Врбенски), а утре во финалето ќе игра против првиот носител Хрватот Лука Микрут. Почетокот на финалниот меч е во 11 часот.

Денешното полуфинале Ивановски го стартуваше одлично и во третиот гем од првиот сет направи брејк за водство од 2:1 во гемови, кое успеа да гоз ачува до крајот на сетот за 6:4 во гемови и водство од 1-0 во сетови. Во вториот сет искусниот ривал на речиси идентичен начин стигна до предност го освои вториот гем во сетот за 2:0 во гемови и предноста од брејк ја зачува за конечни 6:3 во гемови во вториот сет и 1-1 во сетови.

Во решавачкиот сет имаше многу повеќе борба пред се во почетните гемови. Ивановски во првиот успеа да спаси две брејк топки и поведе со 1:0 во гемови. Потоа Чехот Врбенски спаси две брејк топки и стигна до 1:1 во гемови. И во следниот гем на сервис Ивановски спаси брејк топка и стигна до предност од 2:1 во гемвои. Клучен беше шестиот гем на сервис на чешкиот тенисер кога Калин направи брејк за предност од 4:2 во гемови, а потоа на свој сервис стигна до 5:2 и сетот го заврши со 6:3 во гемови.

Во мечот Ивановски имаше скор од 2/4 во брејкови, а Врбенски 1/5, додека во бројот на поени скорот беше 93:89 за Ивановски.

Противникот во финалето Микрут во денешниот полуфинален меч го победи Шпанецот Серхи Перез Контри со 2-0 во сетови (62 61).

Ова за Ивановски е деветто финале во кариерата, а има пет турнирски победи последната во 2023 година во австрискиот Крамсах, но поради повреда ја пропушти целата сезона во 2024 година.

 

© Тениска Федерација на Македонија - Сите права задржани