Македонската тенисерка Лина Ѓорческа успеа да се пласира во полуфиналето на фјучрсот во Рим (награден фонд 60.000 долари) откако во четвртфиналето попладнево ја победи Сеоне Мендез од Австралија со 2-1 во сетови (36 62 64) за 100 минути игра. Нашата тенисерка до триумфот стигна по пресврт откако го загуби првиот сет. Во мечот беа одиграни 27 гема, а имаше 14 брејка (8 Ѓорческа, 6 Мендез)
Ѓорческа поведе во првиот сет со 2:0 во гемови, но потоа противничката од Австралија направи серија од пет гема и поведе со 5:2, до крајот на сетот Мендез ја зачува предноста и го доби сетот со 6:3. И во вториот сет македонската тенисерка поведе со 2:0 во гемови, но овојпат по 2:2 следуваше серија од четири гема за Ѓорческа и успеа да изедначи на 1:1 добивајќи го сетот со 6:2.
Во решавачкиот сет од десет гема имаше дури седум брејка (4 Ѓорческа, 3 Мендез) и сетот изобилуваше со пресврти. Во првите три гема имаше брејкови, а Мендез поведе со 3:1 откако го доби и следниот гем на свој сервис. Сепак Ѓорческа успеа да стигне до 3:3, но повторно имаше брејк на Мендез за водство од 4:3. Во продолжението на мечот македонската тенисерка ги доби следните три гема искористувајќи ја првата меч топка за пласман во полуфиналето.
Утре во полуфиналето Ѓорческа ќе игра со подобрата од четвртфиналето меѓу Дистејни Аиава од Австралија и Ралука Георгиана Сербан од Кипар.