Македонските тенисери Горазд Србљак и Шендрит Деари остварија победи на денешните мечеви на фјучрсот во Куршумлијска бања, Србија што се игра за награден фонд од 15.000 долари. Србљак во рамките на првото коло го победи Александар Чепик од Русија со 2-0 во сетови (63 75) за 1 час и 51 минута. Србљак одлично го почна мечот и на стартот направи брејк и имаше водство од 3:0 во гемови, предност која ја зачува до крајот на сетот – 6:3 во гемови. Во вториот сет имаше нешто повеќе неизвесност. Македонскиот тенисер прв направи брејк и поведе со 2:1, но противникот веднаш врати за 2:2 и така беше до 5:5. Во 11.тиот гем Србљак ја искористи третата брејк шанса за водство од 6:5, а потоа следеше само реализација и ја искористи втората меч топка за 7:5 во вториот сет.
Во следното коло Србљак ќе игра против вториот носител Свјатослав Гулин од Русија.
Шендрт Деари успешно ги заврши квалификациите со три победи. Денеска во финалното коло го совлада Филипо Мондини од Италија со 2-0 во сетови (62 62) за 1 час и 34 минути. Во првите две рунди од квалификациите Деари беше подобар од Франческо Кано од Италија 2-0 (63 62) – прво коло и Радован Мичалик од Словачка 2-1 (46 62 12-10 на поени) – второ коло.
Утре во првото коло Деари ќе игра со седмиот носител Петр Нестеров од Бугарија.