Македонските репрезентативки Лина Ѓорческа и Магдалена Стоилковска денеска имаа настап на фјучрс турнири. Ѓорческа почна со сингл победа на ИТФ фјучрсот во Аламинос, Ларнака (Кипар) што се игра за награден фонд од 25.000 долари. Таа во првото коло ја совлада Марија Сиопача со 2-0 во сетови (61 61) за 56 минути игра. Два сета беа идентични по 1:1 во гемови македонската тенисерка имаше серија од пет гема и сетот го завршуваше со 6:1. Ѓорческа имаше 11 брејк топки, а искористи пет, додека противничката немаше ниту една.
Утре во второто коло ќе игра против квалификантката од Италија Матилде Паолети, која со 2-1 во сетови (63 26 62) ја совлада осмата носителка Селена Јаничијевиќ од Франција.
Ѓорческа денеска одигра и меч во двојки со Лола Радивојевиќ од Србија и на стартот се елиминирани од Франческа Цурми од Малта и Кристина Дину од Романија 2-1 во сетови, откако го загубија третиот сет со 10-4 на поени.
Втората македонска репрезентативка Магдалена Стоилковска го загуби првиот меч на ИТФ фјучрсот во Египет, Шарм Ел Шеик (награден фонд од 15.000 долари). Таа на стартот од турнирот играше против седмата носителка 20-годишната Бо Јунг Јеонг од Кореја. Ривалката мечот го доби со 2-0 во сетови (64 62). Во првиот сет Јеонг поведе со 2:0 во гемови, а Стоилковска изедначи на 4:4, но сепак сетот заврши за противничката со 6:4. Во вториот сет повторно брејк за Јеонг, која ја зголеми предноста и сетот го доби со 6:2 во гемови.