Победа за Македонија – следната година во Втората Евро-африканска зона

June 24, 2023

Женската репрезентација на Македонија со победата од 2:1 против Ерменија го освои првото место во Третата Европска зона од Били Џин Кинг купот што се играше во Скопје. Македонскиот тим со освоеното прво место се избори следната година да игра во Втората Евро-африканска зона.

Во решавачкиот меч македонскиот дубл го совлада дублот на Ерменија со 2-0 во сетови (63 62). За еден час и 19 минути игра.

Лина Ѓорческа и Магдалена Стоилковска ги победија противничките Ирена Мурадјан и Марина Давтјан. Првиот сет почна со водство на ерменскиот дубл од 3:1, а во играта на нашиот дубл беше присутна нервоза. Но, во продолжението на мечот на теренот како да постоеа само македонските тенисерки кои направија серија од пет гема и го добија сетот со 6:3.

На стартот од вториот сет Македонија поведе со 1:0, а потоа постојано го зголемуваше водство и по 4:1 победата беше се поблиску. Вториот сет заврши со 6:2 и така Ѓорческа и Стоилковска во голем стил го завршија мечот што значеше победа.

Во поединечните мечеви Стоилковска загуби од Мурадјан, додека Ѓорческа ја декласираше Давтјан.

По осум години настапување во Третата зона од Били Џин Кинг купот Македонија направи промоција во ранг повисоко. Ова е вторпат женската репрезентација на Македонија да се избори за еден ранг погоре. Првиот пат тоа го направија 2000 година кога во Португалија ги совладаа сите ривали и се изборија за пласман во Првата Евро-африканска зона.

Фото: Игор Паневски

© Тениска Федерација на Македонија - Сите права задржани