Mакедонската судијка Анета Павловска изминатиов период го надогради својот ранг како тениски судија. Таа беше дел од Интернационалната тениска школа во Куршумлијска Бања, Србија, каде се одржуваше семинарот за тениски судии.
– Предавачи на семинарот ни беа: Марјана Вељовиќ (златна значка) од Србија, Роберт Балмфорт од Англија и Иван Мартинез од Шпанија. Самото присуство на семинарот беше од огромно искуство за мене и во добра мерка ми помогна да го положам испитот за бела значка како рефери/супервизор, организиран од ITF. Со оваа значка можам да работам како супервизор на меѓународни турнири за јуниори, ветерани, тенис во количка и тенис на плажа, како и на фјучерси и професионални турнири од понизок ранг. Белата значка за судија на стол ја имам од 2016 година, положена во Франција. Тоа се две различни улоги потребни за организирање на еден професионален турнир. Ова беше голема привилегија за мене, дека добив можност да бидам дел од 16-те судии од Европа, избрани за ова училиште. Подготовките испитот траеја четири дена, а петтиот ден имавме испит, изјави Павловска.
За состојбата со тенискиот спорт и одделот за судење Павловска вели:
– Во Македонија има недостаток на супервизори, а имам несебична и постојана поддршка од Македонската тениска федерација, како и мојот ментор и пријател Зоран Марков (единствена бела значка за рефери/супервизор во Македонија досега).
Анета е постојано со случувањата во македонскиот тенис и постојано е дел од големите турнири, а ова е само уште една можност за поголемо присуство на Македонија, преку судискиот кадар да биде дел од големите тениски и спортски настани.
– Моите следни амбиции се да се надградувам, да учам и да се пријавам за полагање на бронзената значка за судија на стол, со која би добила можност да работам како главен судија на поголемите турнири и Грен Слеми, заклучи Анета.
Успешниот пат на Павловска низ тениските „судиски води“ треба да биде мотив и за други судии од Македонија да чекорат по нејзините стапки.
Фотографии од семинарот во Куршумлијска Бања