Изминатиов месец Македонија на Европските првенства во младинските категории беше претставувана од вкупо 12 тенисери 6 кај момчињата и 6 кај девојчињата. Настапите на овие првенства се една од можностите нашите тенисери да одиграат мечеви со своите врсници, иако многуте турнири кои се играат низ Европа, па и Балканот и во нашата држава секогаш се прилика за проверка на силите и можностите.
На шампионатот за играчи до 14 години што се играше во Мост, Чешка за Македонија настапија: Сара Митевска и Анастасија Арсовска, додека кај момчињата настапија Марко Алексовски и Алексaндар Грујиќ. Од настапите на сите македонски преставници, Сара Митевска и Арсовска веќе на стартот во првите две кола „налетаа“ на финалистките. Токму Сара Митевска мораше на мегдан со Теа Ковачевиќ на стартот од првенството, а нејзината ривалка на крајот ја освои и титулата, додека ривалката на Арсовска Јана Ковачкова беше финалистка.
На првенството во 16 годии што се играше во Парма, Италија за Македонија настапија: Миа Сировска, Ива Василевска, Кристијан Јанев и Максим Тренески, додека на првенството до 18 години во австрискиот Оберпулендорф за македонскиот тим настапија; Теона Андова, Ана Митевска, Амар Хусеиновиќ и Александар Трифуновски.
- Имавме настапи на трите првенства. Тие беа според реалните можности. Кога зборуваме за поединечни настапи на секој спортист важни се многу чинители за да обезбеди успех (резултат) и тоа не може да се случи веднаш потребено е време, а притоа да бидат исполнети повеќе работи: како услови за тренинг и за натпревари, потоа максимална соработка со родители, тренерите, клубот и федерацијата. Играчите покрај тенисот (мечеви), треба да посветат и индивидуално на физичката подготовка, да внимаваат на исхраната, потоа на периодот на одмор кој е истотака исклучително важен во младите категории. Не дека не се вложува или дека не се трудат играчите, но за поголеми резултати потребно е „мозаикот“ да биде целосно склопен, тоа може некого да донесе до врвот, но треба да бидеме свесни дека и другите кои сакаат да бидат при врвот ги склопуваат „своите коцки во својот мозаик“. Во споредба со моите генерации кога настапувавме сега има и некои олеснителни околности, една од тие е што има и повеќе турнири во нашиот регион и кај нас, што ние го немавме. Што се однесува до самите првенства (турнири), тие се одлична можност и за дружба со другите тенисери, да се осознае и спортската култура на другите, каков е спортскиот менталитет на врсниците, едноставно некогаш од овој вид натпревари може да се извлечат позитивни работи, а да се видат и негативните како кај нас така и кај другите, изјави Круно Деспотовски, јуниорски капитен.