Во рамки на подготвителниот камп за Јуниори – репрезентативци кои ќе учествуваат на Европските првенства во 2024 година, од страна на Тениската Федерација на Северна Македонија се организираше интерактивна работилница на тема: „Создавање победнички менталитет – Јас можам“.
Предавач на оваа работилница беше м-р Даријан Трајанов – експерт за промоција на здравје на спортистите и креатор на проектот за ментална стабилност кај спортистите – ,,Јас можам’’.
На работилницата вниманието беше насочено кон техники за зголемување на мотивацијата кај младите спортисти, важноста на поставувањето на целите во постигнување на посакуваните резултати, појаснување на терминот визуелизација и нејзината улога во постигнување на спортски перформанс. Работилницата се реализираше во два дела: теоретски и практичен дел. Целта на оваа работилница е да се зголеми мотивацијата кај младите спортисти, да се зголеми самодовербата кај нив и да веруваат во тоа дека и тие можат да бидат најдобри!
На работилницата присуствуваа репрезентатвици на Македонија во младите категории, како и нивните родители, а дел од работилницата треба да им помогне на играчите кои ќе учествуваат на турнирот на Tennis Europe оваа недела што ќе се организира на терените на МТП за играчи до 12 години (категорија 2).