Македонската тенисерка Лина Ѓорческа се избори за своето трето финале во двојки во 2023 година или 72.ро во кариерата. Таа и Русинката Алена Фомина – Клоц во полуфиналето на фјучрсот во германскиот град Хешингем ги победија домашните тенисерки Каролина Кул и Еле Сидер со 2-1 во сетови (26 62 13-11 на поени). Притоа успеаја да спасат дури пет меч топки во решевачкиот сет што се играше на поени.
Во првиот сет тенисерките од Германија по негативата од 0:1 направија серија од пет гема и поведоа со 5:1 што се покажа како решавачко за освојување на сетот и водство од 1:0. Во вториот сет Ѓорческа и Фомина-Клоц почнаа многу подобро и поведоа со 4:0, а потоа следуваше мини-серија на ривалките кои намалија на 4:2, сепак македонско-руската комбинација го доби сетот со 6:2 за 1:1 во сетови.
Во решавачкиот сет на поени по 12 одиграни поени (6:6) ниту една од двојките немаше поголема предност од два поена. Тогаш Кул и Сидер поведоа со 9:6, а Ѓорческа и Фомина – Клоц спасија три меч топки и изедначија на 9:9. Германскиот пар потоа поведе и со 10:9 и со 11:10 што значи дека Лина и Алена спасија уште две меч топки или вкупно пет, а потоа при 12:11, ја искористија првата МТ и сетот го завршија со 13:11.