Македонскиот тенисер Амар Хусеиновиќ освои уште една титула во конкуренција на двојки на турнир во Скопје за играчи до 18 години. Тој заедно со Вито Антонио Дардери од Италија како први носители во финалето денеска ги победија вторите носители Ангелос Авгерис и Стефанос Пурнаропулос од Грција со 2-0 во сетови (64 64). Ова за македонско-италијанската комбинација е втора турнирска победа откако претходната недела триумфираа и на претходниот турнир во Скопје.
Инаку Италијанецот Дардери победи и во поединечна конкуренција на овој турнир J30 SKOPJE откако во денешното финале го надигра Димитар Кисимов од Бугарија со 2-0 во сетови (61 62). Во поединечна конкуренција Македонија имаше полуфиналист Филип Стојановски, кој пак вчера загуби од Кисимов.
Во женска конкуренција победничка е Бријана Иванова од Бугарија, која со 2-0 во сетови (60 62) ја победи Мари Сиделниук од Украина. Македонија и кај девочињата имаше полуфиналиста во името на Сара Митевска, но таа беше поразена од првата носителка Сиделниук.
Во конкуренција на двојки кај девојчињата победија Романките Симона Габрела Росу и Ингрид Јоана Сандулеаса, кои со 2-0 во сетови (60 62) ги победија Јулие Јиркова и Катерина Мелихарова од Чешка.
Од вторник 29.август до 3.септември на терените на ТК ќе се одржи и четвртиот последен турнир во младинска категорија.