Најдобриот македонски тенисер Калин Ивановски продолжува со победите на Челинџер 100 турнирот во Јаши, Романија. Тој попладнево го победи домашниот тенисер Филип Кристиан Јиану со 2-1 во сетови (36 64 63) за 2 часа и 9 минути игра во меч од второто коло и во петок во четвртфиналето ќе игра против Стивен Диез од Канада (32, 278 место АТП).
За македонскиот тенисер ова е вкупно четврта победа на овој Челинџер откако претходно имаше и две победи во кавлификациите. Притоа има три победи против романски тенисери и сите три во мечеви кои траеа повеќе од два часа.
Во денешниот меч Јиану го направи првиот брејк и поведе со 3:1 во гемови, а потоа и со 4:1 и таа предност ја зачува до крајот на сетот што го доби со 6:3. Во вториот сет Ивановски беше тој што прв направи брејк и поведе со 4:2, но потоа следуваше ри-брејк на противникот кој изедначи на 4:4. По водството од 5:4 нашиот тенисер го освои и 10.гем со уште еден брејк и сетот го доби со 6:4 што значеше изедначување – 1:1 во сетови.
Во решавачкиот сет Ивановски го загуби првиот гем на свој сервис и Романецот Јиану поведе со 1:0, но веднаш следуваше ри-брејк за 1:1. Во 6.тиот гем Ивановски повторно направи брејк за 4:2, а потоа поведе и со 5:2. Во деветтиот гем на свој сервис дојде до три меч топки и ја искористи третата за 6:3 во сетот и 2:1 победа за пласман во четвртфиналето.
Неговиот ривал во петок Диез денеска беше подобар од Аргентинецот Хуан Пабло Фицович со 2-0 во сетови (63 и 64).