Македонската тенисерка Магдалена Стоилковска го заврши настапот на фјучрс турнирот во Куршумлијска Бања, Србија откако денеска загуби од 5.та носителка Украинката Катерина Лазаренко. Но, поразот имаше чудни случувања и не коректен потег на противничката во вториот сет. Во осмиот гем од вториот сет кога Стоилковска беше во налет Украинката во еден момент се пожалила на повреда во текот на гемот при резултат 15:15 и до доаѓањето на доктор и укажаната помош минале безмалку 15 минути што било доволно Лазаренко да се врати во ритам. Тоа се случи при резултат од 4:3 во гемови за Лазаренко која го добива тој гем и ја зачува предноста од брејк повеќе во сетот, кој заврши со резултат од 6:4.
Инаку, овој сет почна со водство на Лазаренко од 3:0 и 4:1, но Стоилковска успеа да намали на 4:3 и беше на чекор до изедначување.
Првиот беше решен во тај брејк, откако беше нерешено 2:2, па следуваа првите одземени гемови. Лазаренко поведе со 3:2, а Стоилковска изедначи на 3:3, за потоа Украинката да поведе со 5:3, на што следуваше серија од три гема на македонската тенисерка за водство од 6:5. Сепак Лазаренко се избори за тај брејк, кој го доби со 7:3 на поени откако имаше серија од шест поени за водство од 6:2.
Мечот траеше два часа и 7 минути, а Стоилковска за пласманот во второто коло ќе освои еден поен.
Следен настап македонската тенисерка ќе има на фјучрсот во Скопје што почнува во понеделник.