Несреќен пораз за Ивановски во маратонски меч на Челинџерот во Јакаичи

November 27, 2023

Македонскиот тенисер Калин Ивановски загуби во првото коло на Челинџер 100 турнирот во Јакаичи,Јапонија. Поуспешен од него беше Италијанецот Џовани Фонио (25 год., 285.АТП  ранг) со 2-1 во сетови (46 76(5) 76(5)) во меч што траеше 2 часа и 39 минути игра. Турнирот се игра за награден фонд од 130.000 долари.

Првиот сет му припадна на македонскиот тенсиер со 6:4 во гемови, кој го имаше и првиот брејк во мечот во седмиот гем за водство од 4:3. Во вториот сет повторно Ивановски поведе со брејк во третиот гем со 2:1 во гемови, а го освои и следниот гем за водство од 3:1. Но, противникот успеа со серија од четири гема да дојде до предност од 5:3, за да Ивановски направи нов брејк и мечот да стигне до тај брејк. Во 13.гем Фонио успеа да поведе со 6:3 на поени и сетот да го заврши со 7.5.

Во решавачкиот сет повторно голема борба и без брејк до 10.гем и резултат од 5:5, кога Фонио успеа да поведе со 6:5 по одземениот гем на Ивановски, но македонскиот тенисер ја врати неизвесноста со ри-брејк и се избори за нов тај брејк. Повторно играта на поени беше клучна и му припадна на Италијанецот со 7.5.

Инаку, Фонио на претходниот Челинџер во Јокохама како „среќен губитник“ успеа да влезе на главниот турнир и во четвртфиналето загуби од победникот Јосуке Ватануми од Јапонија.

 

© Тениска Федерација на Македонија - Сите права задржани