Првиот меч од второто коло од Б групата од Третата Европска зона го доби Молдавија и со тоа дојде до водство против Македонија од 1:0. Берк Бугариќ загуби од Илиа Снитари со 2-1 во сетови за 2 часа и 14 минути игра.
Првиот сет го освои македонскиот тенисер со 6:4 во гемови. Нашиот тенисер поведе со 2:0, а по 2:2 имаше водство и од 4:2. Клучниот гем во првиот сет беше гемот број 8 на сервис на Бугариќ, кој успеа да спаси три брејк топки и во гемот беа одиграни 16 поени. Во вториот сет водство од 2:0 имаше Снитари, а Бугариќ изедначи и по 3:2 во гемови за противникот Берк побара медицинска помош. Во вториот сет клучниот гем беше седмиот во кој нашиот тенисер не искористи четири брејк топки по 18 поени игра. Сетот заврши со резултат 6:2 во гемови за Снитари.
Во решавачкиот сет тенисерот од Молдавија поведе со 2:0, а Бугариќ изедначи на 2:2, но сепак противникот по водството од 5:2 постигна недостижна предност и го доби сетот со 6:3.
Во вториот меч играат Калин Ивановски и Александер Цозбинов.