Македонско-српската комбинација Обрад Марковски Стефан Латиновиќ го освои фјучрс турнирот М15 Куршумлијска Бања. Тие во финалето во конкуренција на двојки ги совладаа четвртите носители Јан Храздил и Вацлав Шафранек со 2-1 во сетови (16 76(4) 10-7). Мечот траеше 1 час и 32 минути. Ова воедно за Марковски е прв трофеј во сениорска конкуренција.
Марковски и Латиновиќ станаа „специјалисти за сетот на поени“ откако претходно во првото коло со 2-1 во сетови ги совладаа првите носители со 10-6 на поени во решевачкиот сет, а потоа во четвртфиналето истотака на поени со 10-8 ги победија шпанските тенисери Мстре – Нахаро.
Во финалниот меч нивните ривали го добија првиот сет со сигурни 6:1 во гемови, откако поведоа на стартот со 4:0. Во вториот сет Марковски и Латиновиќ од 1:2, поведоа со 4:2, но ривалите изедначија на 4:4 и сетот се решаваше во тај-брекот. Во гемот на поени македонско-српската комбинација поведе со 5:3 што се покажа како клучно. Во решавачкиот сет од негатива 2:5 на поени Марковски и Латиновиќ направија пресврт и стигнаа до триумф во сетот со 10:7 на поени.
Марковски со оваа победа се приклучи на македонските тенисери кои имаат триумф на турнир во конкуренција на двојки како: Александар Китинов, Зоран Шевченко (сателит турнири), Лазар Магдинчев, Предраг Русевски, Димитар Грабул, Томислав Јотовски, Калин Ивановски, Горазд Србљак, Илија Мартиноски.