Единствениот македонски тенисер кој на фјучрсот во Скопје настапуваше во двојки Обрад Марковски заедно со Вито Тонејц од Хрватска го загубија мечот од третите носители Јанаки Милев и Петр Нестеров од Бугарија со 2-0 во сетови. Во првиот сет нијанси решаваа, а сетот во тај брекот го добија Милев и Нестеров откако поведоа со 5:2 во поени што беше недостижна предност за конечни 7:4 во сетот. Во вториот сет бугарската комбинација на самиот старт направи брејк кој го зачува до крајот на мечот и сетот го доби со 6:3 во гемови.
Во другите мечеви од второто коло елиминирани се и првите носители Парикшит Сомани (Индија) и Адам Тејлор (Австралија). Тие по голема борба загубија од Британците Рајан Голесворти и Џејмс МакКинлеј по два часа и шест минути – по сетови 75 46 и 10-6 на поени.
Вторите носители Саша Вајенбург и Антоан Оанг од Франција ги победија Христос Антонопулос и Јоанис Ксилас од Грција со 61 и 62. Грчко-чилеанската комбинација Стефанос Скинас и Ханс Алберт Шуберт се пласираа во полуфиналето откако Мирза Башиќ (БиХ) и Миљан Зекиќ (Србија) им го предадоа мечот во првиот сет при резултат 4:3 во гемови за Скинас и Шуберт.