Тенисерките на Македонија со максимални 3:0 ги почнаа натпреварите од годинашново издание на Били Џин Кинг Купот од Третата Европска зона што се игра во Скопје. Во мечот од 1.коло од Б групата совлада е Албанија со максимален резултат. Во другите два меча од нашата група Финска – Азербејџан 3:0 и Молдавија – Исланд 3:0.
По двете сингл победи на Магдалена Стоилковска и на Лина Ѓорческа и македонскиот дубл Александра Симева и Ива Данева ги победија Греши Бајри и Кристал Дуле со 2-0 во сетови (75 75) за 1 час и 44 минути игра.
Во првиот сет немаше поголема предност и по 3:3, албанскиот дубл поведе со 5:3, по кое следеше серија од четири гема на Симева и Данева за освојување на првиот сет со 7:5 во гемови. Во вториот сет немаше предност од два гема ниту еден од дубловите, а потоа по 5:5 македонскиот дубл имаше повеќе концентрација и добро одиграни поени и по брејкот за 6:5, на сервис на Данева беше освоен и 12.тиот гем за 7:5 и победа на Македонија.
Во првиот меч Стоилковска ја победи Дуле со 2-1 во сетови (67(5) 62 75), додека Ѓорческа очекувано убедливо беше подобра од Бајри со 2-0 во сетови (60 62).
Утре во мечот од второто коло Македонија игра против Азербејџан.
Почетокот на првиот меч е во 10 часот, а македонските тенисерки своите мечеви ги играат на Централниот терен на ТК Југ.
Фото: Денис Дуковски