Лина Ѓорческа (5.носителка) успеа да се пласира во финалето на фјучрсот во Куршумлијска бања, Србија откако во полуфиналето денеска ја совлада Доминика Салкова од Словачка со 2-0 во сетови (61 63) за 58 минути игра. Ова за македонската тенисерка ќе биде четврто финале во 2023 година (Осиек, Куршумлиска бања и Талин – сите ги загуби) или вкупно 33.то во кариерата.
Доминацијата во мечот Ѓорческа ја потврди и низ статистичките податоци, а по подого време имаше повеќе ас сервиси (7) од двојни сервис грешки (5), притоа оствари и 6 брејка од 10 можности. Во првиот сет македонската тенисерка поведе со 3:0 во гемови, а потоа Салкова направи брејк – 3:1 и во продолжение Ѓорческа освои уште три гема за вкупни 6:1 во гемови и водство од 1:0 во сетови. Во вториот сет противничката поведе со 2:0, но следуваше серија од три гема за Ѓорческа за водство од 3:2, а по изедначувањето (3:3) македонската тенисерка со серија од три гема го реши сетот и со тоа и мечот.
Во финалето утре Ѓорческа ќе игра против Антонија Ружиќ од Хрватска која со 2-1 во сетови (61 57 64) ја совлада Даниела Висмане (Летонија). Ова ќе биде шанса македонската тенисерка да го освои 13.тиот трофеј во сингл конкуренција.
Почетокот на финалниот меч е во 11 часот.