Македонската тенисерка во два сета стигна до полуфиналето

September 29, 2023

Со триумфот над Французинката Лоа Буасон, најдобрата македонска тенисерка Лина Ѓорческа успеа да се пласира во полуфиналето на фјучрсот во Куршумлијска бања, Србија што се игра за награден фонд од 40.000 долари. Таа во два сета (75 76(3)) ја совлада противничката, а во вториот сет (10.гем) успеа да спаси четири сет топки. Четирите брејка од 10 можности , наспроти 3 од 15 на Буасон беа решавачки Ѓорческа да го добие мечот во два сета за 1 час и 44 минути.

Во првиот сет прва до предност од два гема дојде македонската тенисерка (3:1 и 4:2), но ривалката со серија од три гема поведе со 5:4. Но потоа следуваа три гема на Ѓорческа за 7:5, иако во 12.гем на свој сервис направи и три двојни сервис грешки сепак на крајот го доби гемот и со тоа и сетот. Во вториот сет Лина постојано „бркаше“ водство на противничката. Буасон поведе со 2:0, а потоа следуваше 2:2, за Французинката да дојде до нова предност од 5:2. Ѓорческа усепа да изедначи на 5:5, а по 6:6 сетот беше решен во тај брек. По 2:2 на поени Ѓорческа направи серија од 4:0 за водство од 6:2, а гемот го заврши со 7:3 на поени.

Во следното коло (полуфинале) македонската тенисерка ќе игра против Доминика Салкова од Словачка, која беше подобра од Александра Круниќ од Србија со 2:0 во сетови. Салкова има 19 години и се наоѓа на 352 место на ВТА листата.

Од сите четири полуфиналистки единствено Ѓорческа е рангирана како носителка (број 5). Во второто полуфинале ќе играат Даниела Висмане (Летонија) и Антонија Ружиќ (Хрватска).

 

© Тениска Федерација на Македонија - Сите права задржани