Македонската Дејвис Куп репрезентација од попладнево се комплетираше во Ларнака, каде од среда до сабота ќе биде дел од Третата Европска зона од Дејвис купот што се игра на Кипар. Последни на тимот му се приклучија Калин Ивановски и селектрот Горан Шевченко, кои по завршувањето на Фјучрсот во Скопје каде Ивановски победи денеска патуваа на реалција Скопје – Ларнака. Претходно во неделата отпатуваа: Обрад Марковски, Берк Бугариќ и Амар Хусеиновиќ со тренерот Чедомир Јовановски.
Седум репрезентации заедно со Македонија ќе се борат за првите три места кои носат пласман ранг повисоко за следната сезона, додека последните две места значат и испаѓање од оваа зона. Покрај Македонија и домаќинот Кипар на ова натпреварување ќе играат уште: Естонија, Сан марино, Малта,Црна Гора и Молдавија. Репрезентациите ќе бидат поделени во две групи (три репрезентации група А и четири репрезентации група Б).
Естонија како носител ќе биде во групата А, а Кипар ќе биде носител во групата Б. Молдавија ќе биде сместена во групата Б како репрезентација со најслаб ранг, додека другите четири репрезентации во која група ќе бидат ќе биде решено со ждрепка. Двете првопласирани репрезентации од групите ќе бидат пласирани ранг повисоко, како и победникот од мечот на второпласираните селекции од групите. Третопласираните од групите ќе играат меч за опстанок, а поразениот заедно со четвртопласираната репрезентација од групата Б ќе испаднат од оваа зона.
Извлекувањето на групите ќе се одржи утре (вторник) со почеток во 11:30 часот по локално време или 10:30 по македонско време.
Мечевите ќе се играат на тврда подлога (хард) на комплексот терни на Херодоту Тениската Академија во Ларнака.