Македонија против Малта го игра 100.меч во Дејвис купот

June 13, 2023

Дејвис куп репрезентацијата на оваа година ќе го има своето 28.мо учество во Девис купот, а утре на 14.јуни против Малта нашите тенисери ќе го одиграат јубилејниот 100.ти меч. Скорот е 56 победи и 43 порази, со три меча кои не беа одиграни бидејќи немаа резултатско значење (2003 – Молдавија, 2004 – Монако и 2005 – Данска).

Против репрезентацијата на Малта нашите тенисери досега имаат две победи во исто толку мечеви во рамките на Третата зона од Дејвис купот. Во 2014 година во Унгарија,  Македонија победи со 3:0. Трите поени ги донесоа Томислав Јотовски и Димитар Грабул во сингл мечевите, како и дублот Грабул – Шендрит Деари. Во 2017 година во Бугарија, Македонија победи со 2:1. Грабул донесе водство од 1:0, потоа Јотовски загуби во сингл мечот, а дублот Грабул-Деари го освои решавачкиот поен за победа.

Според правилата на Дејвис купот  во Третата зона се играат два синл меча и потоа еден дубл.  Тоа значи дека први на терен ќе се појават второрангираните играчи од репрезентациите, потоа играат прворангираните, а на крајот дубловите. Во наш случај прв би требало да игра Обрад Марковски (втор), потоа Калин Ивановски (прв), а најверојатно во дубл ќе играат Ивановски и Берк Бугариќ бидејќи заедно играа и на Macedonian Open  и на фјучрсот во Скопје.

За репрезентацијата на Малта пријавени се играчите: Лиам Деликата (роден 2001), Алекс Деграгиеле (2004), Лукас Двајн Пуликиано (2007) и Марк Гат (1978) и ниту еден нема ранг.

Почетокот на првиот меч е во 10:30 часот по локално време или 9:30 по македонско време.

Покрај мечот Македонија – Малта од Б групата утре во Ларнака во рамките на 1.коло од групте играат уште Кипар – Молдавија (Б група) и Естонија – Црна Гора (А група), додека слободна е селекцијата на Сан Марино.

 

© Тениска Федерација на Македонија - Сите права задржани