Македонската Дејвис куп репрезентација со победа ги почна натпреварите во годинашново издание од Третата Европска зона Б група од Дејвис купот. Во Ларнака, Кипар денеска во дуелот од 1.коло совладана беше Малта со 2:1, откако противникот водеше со 1:0. Така македонските тенисери со победа го одбележаа јубилејниот 100.ти меч во ова натпреварување.
Решавачкиот поен го донесе дублот Калин Ивановски, Берк Бугариќ кои со 2:0 во сетови (64 64) за 1 час и 18 минути ги победија Алекс Дегабриеле и Лиан Деликата. Првиот сет до 4:4 во гемови беше изедначен, а во 9.тиот гем се играше најдолго вкупно 14 поени, а Калин И берк ја искористија четвртата сет топка, по која нашите тенисери поведоа со 5:4. Во следниот гем на свој сервис Македонија ја реализираше предноста и сетот заврши 6:4. Во вториот сет нерешено беше до 3:3 во гемови кога Ивановски и Бугариќ направија брејк за 4:3. Во следниот гем и спасија две брејк топки за водство од 5:3. Во 10.тиот гем при 5:4 за Македонија првата меч топка нашите тенисери не ја реализираа поради двојна грешка, но следната значеше победа – 6:4 во сетот.
На мечот во двојки му претходеа двата сингла. Во првиот Малта поведе со 1:0 откако Дегабриеле го совлада Обрад Марковски во маратонски меч со 2-1 во сетови (7:3 во тај брекот од решавачкиот сет). Во вториот меч Ивановски со 2-0 во сетови го победи Деликата.
Противникот утре ќе ни биде селекцијата на Молдавија, која со 3:0 го совлада Кипар.
Во мечот од А групата Естонија ја совлада Црна Гора со 2:1.