Женската репрезентација на Македонија забележа победа и во дуелот од 4.коло против Исланд. Вториот поен го донесе нашата најдобра тенисерка Лина Ѓорческа која во вториот сингл меч ја совлада Софија Солеј Јонасдотир со 2-0 во сетови (62 60) за 54 минути игра. По водство од 2:0 за Македонија мечот во двојки нема да има влијание на победникот во дуелот.
Ѓорческа добро го почна мечот и поведе со 3:0 во гемови, но противничката ги освои следните два и намали на 3:2. Во овој дел од мечот Ѓорческа имаше и проблеми со сервисот и неколку двојни сервис грешки. Сепак во продолжението нашата тенисерка имаше контрола над играта и тоа и донесе освојување на следните три гема што значеше и водство од 1:0 во сетови.
Во вториот сет Ѓорческа беше убедлива и сетот го заврши без загубен гем – 6:0.
Во првиот меч Магдалена Стоилковска ја победи Ана Софија Гронхолм со 2-0 во сетови (61 60).
Во мечот во двојки за Македонија ќе настапат Александра Симева и Ива Данева.
Фото: Игор Паневски