Женската репрезентација на Македонија го заврши годинашниов настап во рамките на Били Џин Кинг купот, а македонските тенисерки постигнаа три победи (Естонија, Грузија и Израел) и еден пораз (Хрватска која заврши како победник). Она што е важно со настапот во Втората Евро-африканска зона е нагорната линија која ја има овој женски тим, односно освоеното четвртото место во зоната каде Македонија беше нова репрезентација откако лани во Скопје победивме во рамките на Третата Европска зона.
За настапот и резултатите на четирите меча во Вилнус капитенот Димитар Лабудовиќ изјави:
– Тргнавме со желба за опстанок, всушност тоа беше и нашата цел, а за малку не стигнавме да играме плеј оф за пласман во Првата Евро-африканска зона односно плеј оф од 1-3.место. Резултатски завршивме со скор 3-1 (победи-порази). Секоја победа што ја постигнавме беше исклучително важна, а имаме ист скор со Литванија која се пласираше во Првата зона. На крајот некако сите жалиме за нешто повеќе, пред се што не игравме плеј-оф за промоција.
Лина Ѓорческа и Магдалена Стоилковска исто како и претходните години беа тенисерките кои ги носеа поените.
– Се покажа уште еднаш дека без Лина неможеме да играме. Таа е носител на тимот, на играта, може да го повлече „тимот“. Нејзината добра игра беше причина и Магдалена да одигра добри мечеви со исклучок на синглот со Естонија (што беше и наш прв меч). Таа играше на високо ниво на другите мечеви, што е секако добро и за нас и за неа. Другите тенисерки помладите (Ива Данева, Ана Митевска и Теона Андова), ова за нив беше големо искуство и ова треба да им биде мотив како треба да работат. Видоа што значи да се игра со поквалитетни тимови, поквалитетни противнички. Во оваа зона нема слаби репрезентации, не е како во Третата зона каде има 1 до2 добри репрезентации, тука едноставно нема слаб тим. Тие треба да тренираат многу посериозно. Истотака не треба да заборавиме дека добрата игра се должи и на добрата атмосфера, одличната хемија во тимот, заврши Лабудовиќ.
Лабудовиќ: За малку не стигнавме да играме плеј оф за пласман во Првата Евро-африканска зона од БЏК купот
April 18, 2024