Најдобриот македонски тенисер Калин Ивановски успеа да се пласира на главниот турнир на Челинџер75 во Кобе, Јапонија што се игра за награден фонд од 80.000 долари. Тој во финалниот меч од квалификациите го победи домашниот тенисер Џејмс Тротер со 2-1 во сетови (57 76(5) 64). Мечот траеше 2 часа и 41 минута, а двајцата тенисери имаа по еден брејк: Тротер во првиот сет, а Ивановски во третиот сет, па така клучен за победата беше вториот сет што македонскиот тенисер го доби во тај брејкот.
Во првиот сет Ивановски бидејќи прв сервираше постојано имаше водство. Во 11.гем од сетот Тротер ја искористи четвртата брејк топка за водство од 6:5, а потоа сетот го заврши со 7:5. Во вториот сет сликата беше иста со тоа што Ивановски имаше три брејк топки во шестиот гем што не успеа да ги искористи. Сетот беше решен во тај брејкот. За разлика од претходниот тек на сетот, во „13.та игра“ постојано имаше по еден „мини брејк“ и Тротер поведе со 5:4 на поени, но следуваше клучниот момент кога Ивановски ги одзема двата сервиса на противникот и поведе со 6:5 и потоа на свој сервис ја искористи првата сет топка. Во третиот сет македонскиот тенисер ја искористи психолошката предност и веднаш направи брејк за водство од 1:0 и предноста ја зачува до крајот на сетот, за на крајот да биде 6:4 во гемови искористувајќи на третата меч топка.
Во текот на денот Ивановски ќе го дознае и противникот на главниот турнир.