Калин Ивановски „запрен“ во финалето на турнирот во Опатија

March 30, 2025

Македонскиот тенисер Калин Ивановски е поразен во финалниот меч на фјучрс турнирот ИТФ М15 Опатија откако денеска загуби од првиот носител Хрватот Лука Микрут со 2-0 во сетови (63 76(4)) за еден час и 56 минути игра. Поразот значи и крај на серијата од седум победи на Ивановски, откако на турнирот имаше три меча (три победи) во квалификациите и уште пет меча на главниот турнир (четири победи). На патот до финалето македонскиот тенисер оствари и три победи над носителите меѓу кои и победникот на претходниот турнир од Истарска ривијера (Вјачеслав Биелински).

Во првиот сет од финалето Микрут направи брејк во 4.гем за водство од 3:1 во гемови и предноста ја зачува до крајот на сетот, кој го доби со 6:3 во гемови. Вториот сет имаше неколку промени во резултатот. Ивановски поведе со 3:0 во гемови со брејк, но потоа следуваше прекин поради дожд (беше присутен за време на целиот турнир). По 4:1 за македонскиот тенисер првиот носител направи брејк и успеа да изедначи на 4:4 во гемови. Но, неизвесноста продолжи до тај брејкот, откако Микрут во 11.гем направи уште еден брејк за водство од 6:5 во гемови. Сепак Ивановски успеа да возврати со ри-брејк за 6:6 во гемови, а притоа спаси и меч топка на сервис на противникот. Во 13.гем (тај брејкот) имаше само еден брејк поен за Микрут кога поведе со 3:2 на поени и гемот го заврши со 7:4 на поени што беше пралтично и 2-0 во сетови.

За Ивановски ова беше деветто финале, а има пет турнириски победи (Монастир, Ираклион, Мадрид – 2022 година, Скопје и Крамсах – 2024 година). Инаку, Ивановски во 2024 година поради повреда пропушти најголем дел од сезоната.

ИТФ фјучрсот во Опатија беше дел од 53.то издание на „Истарска ривијера“.

© Тениска Федерација на Македонија - Сите права задржани