Изминатиот период и за време на одржувањето на женскиот фјучрс турнир во Скопје во посета на Македонската Тениска Федерација беше висок претставник на ИТФ (Меѓународната Тениска Федерација), Витор Кабрал – Одговорен за развој на тенисот во Европа. Ова беше негова трета посета на нашата држава. Ја искористивме приликата да поразговараме за неговото гледање на моменталната ситуација на тенисот во Македонија како и за идните стратегии и планови.
Која беше целта на Вашата посета во Македонија ?
Една од основните работи беа средбите и разговорите со федерацијата, клубовите, тренерите. Македонија како една од помалите европски држави ја гледаме како приоритна држава на која и е потребна помош за развој и унапредување на тенисот. Едноставно, да видиме дали има потенцијал за развој на тенисот и да видиме како се напредува, затоа сум тука. Мојата агенда е работа во сите 50-тина држави во Европа. Ние како ИТФ имаме програми во секоја држава и следствено на потребите реагираме за секоја држава посебно. Основата е да направиме контрола на развојот на младите играчи, увид како се едуцираат младите категории и како се работи со младите тенисери и тенисерки. Покрај работата со младите спортисти, фокусот мора да биде ставен на терените, условите за работа за турнири, организацијата на тениски настани, турнири, јуниорски турнири, едукацијата за тренери, судии и слично.
Дали сте задоволни од условите што ги видовите ?
Тоа што е исклучително важно е дека федерацијата има зголемена активност на повеќе нивоа. Македонија беше домаќин на квалитетни турнири за јуниори, но имаше и професионални турнири. Организацијата беше на високо ниво, тука ќе ја истакнам и организацијата на Дејвис купот и Били Џин Кинг купот овие години. Бројот на турнири оди во нагорна линија, дури треба да се напомене дека имаше и пет јуниорски турнири над дозволената квота.
Што треба и како да се подобри тенисот во Македонија ?
Најважниот момент е потребата за создавање на Национален Тениски Центар. Ваков центар значи зголемување на стандардите и клубовите неизбежно ќе треба да го следат тој тренд. Свесни сме дека тоа е скап проект и голем предизвик и за ИТФ. Ние сме подготвени да помогнеме и финансиски за тој проект. Но, нема да биде доволна само нашата помош, ќе мора да се разговара и со државните власти и заеднички да направиме проектот да се активира. Ако овој проект се реализира – македонскиот тенис ќе има вистински можности да се искачи на повисоко ниво.
Конкретно во Македонија нема услови за тенис во зимските месеци ?
Токму и за тоа зборуваме. Националниот Тениски Центар значи федерацијата да има свои терени за репрезентацијата, важен предуслов за искачување на следното ниво. Исклучително важна работа се и затворените терени. Ова не е проблем само на Македонија, туку и на другите држави од овој регион како Србија, Хрватска, каде има недоволен број затворени терени.
ИТФ е подготвена да ја поддржи федерацијата во нејзините активности и сето тоа што го работи досега, како програмите за едукација, учеството и организацијата на турнири, сето тоа е одлична работа.
Фото: Игор Паневски