Македонскиот тенисер Калин Ивановски на убедлив начин со две експресни победи стигна до четвртфиналето на фјучрсот во австрискиот град Крамсах. Тој во мечевите од првите две кола загуби само четири гема од 28 одиграни. Во денешниот меч од второто коло го победи Австриецот Сил Гаџери со 2-0 во сетови (61 62) за 52 минути.
Со двете победи Ивановски ја потврди и улогата втор носител на турнирот, а неговиот денешен ривал беше совладан без поголеми проблеми. Во првиот сет македонскиот тенисер поведе со 3:0 во гемови, а потоа ривалот го освои единствениот гем во сетот и намали на 3:1. Сепак Ивановски ги доби и следните три гема за убедливи 6:1 во сетот. Во вториот сет Калин ја продолжи серијата и поведе со 5:0 со што имаше низа од осум освоени гемови. Но, тогаш следуваше и единствената брејк топка за Гаџери, кој ја искористи, а потоа намали и на 5:2. Во осмиот гем од вториот сет Ивановски не му дозволи на ривалот ниту еден поен и со 6:2 во гемови во сетот го заврши мечот.
Ивановски имаше 4 ас сервиси, а противникот 5 двојни сервис грешки, притоа нашиот тенисер реализираше 5 од 10-те брејк топки во мечот.
Во четвртфиналето кое е на програмата утре Ивановски ќе игра Сандро Кор (5.носител, Австрија) кој со 2-0 во сетови (76(3) 62) го победи Бувајсар Гадамури (Белгија). Утре Ивановски заедно со Елдин Хусеиновиќ, ќе играат и четвртфинале во двојки Американците Николас Бибел и Џејми Вејнси.