Најдобриот македонски тенисер Калин Ивановски со победа во квалификациите го почна настапот на Челинџер 125 турнирот што се игра во Братислава, Словачка за награден фонд од 145.000 евра. Тој во првиот меч го совлада домашниот тенисер Петер Над (настапи со вајлд карта) со 2-1 во сетови (67 (79) 62 60) и уште еднаш успеа да направи пресврт во меч и да го заврши со победа.
Почетокот на мечот беше со наизменично освојување на гемовите на свој сервис. Во седмиот гем од првиот сет при резултат 3:3 Ивановски испушти две брејк топки, а потоа и во деветтиот гем истотака при резултат 4.4 повторно не искористи две брејк топки. Во тај брејкот од првиот сет македонскиот тенисер не искористи три сет топки, па Над го доби 13.тиот гем со 9:7 на поени.
Во вториот сет Ивановски поведе со 2:0 во гемови, но брзо стигна изедначување на 2:2 и тука на сцена стапи македонскиот тенсиер кој до крајот на мечот ги доби следните десет гема. Прво вториот сет заврши со 6:2 во гемови за Ивановски, а потоа во решавачкиот сет беше 6:0 за Ивановски.
Утре во финалето од квалификациите Ивановски ќе игра со победникот од Macedonian Open Унгарецот Мате Валкуж (25 години, 214 АТП), кој денеска во квалификациите го совлада Михал Крајчи од Словачка со 2-0 во сетови (63 64).
Мечот се игра утре на централниот терен и почетокот е закажан за 10:30 часот.