Новата ранг листа на АТП го донесе и најдобриот ранг во кариерата за македонскиот тенисер Калин Ивановски, кој по четвртфиналето на Челинџер 100 турниорот во Романија се проби на 331.то место на АТП листата. Тој има скок од 39 места и 24 поени повеќе во однос на претходното рангирање. Ивановски има вкупно 155 поени, а оваа недела го очекува настап на фјучрс турнир во Телфс, Австрија од рангот фјучрс 25 што се игра за награден фонд од 25.000 долари.
Уште двајца македонски тенисери имаа ранг на АТП листата. Горазд Србљак, откако во претходниот период имаше постојано напредок, сега има пад од 39.места и со 8 поени (еден помалку од претходно рангирање) се наоѓа на 1.132 место. Без промена во рангот и поените е Обрад Марковски, кој со 6 поени се наоѓа на 1.227 место.
Во конкуренција на двојки Ивановски е на 592.та позиција со 86 поени (без промена), додека Марковски има скок од 5 места со 32 поена. Берк Бугариќ се наоѓа на 1.229 место со 16 поени (пад за 11 места), додека Србљак е рангиран на 1.668 место со 7 поени.