Најдобриот македонски тенисер на ранг листата на АТП, Калин Ивановски оваа недела ја почнува од 306.то место што е негов најдобар ранг во кариерата. Тој има скок од 30 места и тоа се должи на победата на фјучрс турнирот во Крамсах од претходната недела. Во рангирањето „запишани“ му се дополнителни 21 поен или има вкупно 176 поени. Оваа недела Ивановски настапува на Челинџер 100 турнирот во Бања Лука и во првото коло најверојатно утре (вторник) ќе игра против Французинот Клеман Табу, кој се наоѓа на 300.то место. Ова ќе биде нивни втор меч откако Табу има победа во финалето на фјучрсот во Куршумлијска бања.
Од другите наши тенисери Горазд Србљак се наоѓа на 1130.то место со 8 поени (пад за две места). Тој оваа недела ќе има настап на фјучрсот (награден фонд 15.000 долари) во Осиек. Пласман на 1220.то место (скок за пет позиции) има Обрад Марковски со 6 поени.
Во конкуренција на двојки Ивановски е на 608.то место (пад за едно место) со 83 поени (еден повеќе од претходната недела). Марковски е рангиран на 1025.то место со 32 поена, Берк Бугариќ има 16 поени и се наоѓа на 1322.то место (пад за седум позиции), а Србљак се наоѓа на 1916.то место (пад 5 позиции) со 4 поени. Со првите три поени Елдин Хусеиновиќ е рангиран на 2021.то место.