Голема радост за македонскиот тенис и спорт донесе денеска нашиот најдобар тенисер Калин Ивановски, кој триумфираше на фјучрс турнирот во австрискот град Крамсах. Тој во финалето го победи Жерар Кампана Ли од Кореа со 2-0 во сетови. Ова за Ивановски беше втора победа во 2023 година и двете на турнири од рангот на фјучрс 25 (првата во Скопје) и по неколкуте порази во финалните мечеви во оваа година на последните два турнира постигнува победи на завршниот меч.
- Благодарност до сите за организацијата на турнирот. Секако и до мојот денешен ривал Жерар, против кого се надевам дека ќе играм и во иднина. Особено што двајцата сме млади и можеби следните мечеви ќе ни бидат на Челинџер или на АТП турнири. Одиграв неверојатен турнир. Имав добри мечеви, а притоа „морав“ да победам и неколку домашни тенисери, изјави Ивановски при прогласувањето.
Македонскиот тенисер за победата ќе освои 25 поени, а како награда заработи и 3.600 американски долари. Ивановски на овој турнир играше и во конкуренција на двојки каде заедно со Елдин Хусеиновиќ беа четвртфиналист.