Најдобриот македонски тенисер Калин Ивановски успеа да ги мине квалификациите и да се пласира на главниот турнир на Челинџерот што се игра во јапонскиот град Јокохама. Тој во финалето од квалификациите играше со Кинезот Јан Баи, кому пред една недела поради здравствени проблеми му го предаде мечот од првото коло на Челинџерот во Кобе. Слична ситуација беше и на денешниот меч со тоа што по завршувањето на вториот сет при резултат 1:1 ривалот на Ивановски го предаде мечот, па така македонскиот тенисер избори пласман во првото коло на главниот турнир.
Инаку двајцата тенисери имаа по еден брејк. Баи го направи во првиот сет во петтиот гем кога поведе со 3:2, а Ивановски брејк направи во вториот сет (12.гем) искористувајќи ја првата сет топка. Во текот на вториот сет по деветтиот гем ривалот на Ивановски побара и медицински тајм аут.
Во првото коло Калин Ивановски ќе игра против Зизу Бергс од Белгија (24 год., 152 АТП ранг), кој на турнирот ќе допатува како победник на Челинџерот во Друмодвил, Канада. Мечот ќе се игра во среда наутро по македонско време.