Македонскиот тенисер Каилн Ивановски го загуби попладнево четвртфиналниот меч на Челинџер 100 турнирот што се играше во романскиот град Јаши. Поуспешен од него беше канадскиот тенисер Стефан Диез, кој победи со 2-0 во сетови (64 63) за 100 минути. Ивановски на овој турнир покрај двете победи на главниот турнир имаше и две победи во квалификациите, а пред се тоа беа исцрпувачки мечеви.
Канадскиот тенисер го искористи искуството во еден ваков меч и реализираше три од шестте брејк топки, додека Ивановски немаше брејк од двете шанси кои ги имаше во мечот. Првиот и едниствен брејк во првиот сет Диез го направи во петтиот гем кога поведе со 3:2 во гемови и ја искористи предноста сетот да го добие со 6:4. Во вториот сет при водство од 3:2 за Ивановски, нашиот тенисер во следниот гем не искористи брејк топка да поведе со 4:2. Во седмиот гем Диез направи повторно брејк и поведе со 4:3, а во следниот гем македонскиот тенисер повторно не искористи брејк шанса и противникот поведе со 5:3. Во деветиот гем на сервис на Ивановски, тој на меч топка на противникот направи двојна сервис грешка и Диез сетот го доби со 6:3.
Ивановски имаше успешен настап на Челинџер 100 во Јаши, особено што постигна четири победи, а одлично беше прифатен и од домашната публика која го бодреше во четвртфиналето иако претходно елиминираше тројца романски тенисери. Ивановски меѓу двата сета побара и медицинска помош за болките што ги имаше во грбот.
За настапот во Јаши Калин Ивановски ќе добие 20 поени и 3.240 евра. Во моментов според ранг листата во живо Ивановски се наоѓа на 331 место, но во секој случај на новото рангирање во понеделник ќе има скок.