16-годишната македонска тенисерка Катја Ивановска играше во финалето на турнирот во Улцињ. Таа во завршниот меч загуби од првата носителка Душица Поповски од Србија, а на патот до финалето успеа да ги елиминира третата носителка Сташа Булатовиќ (Црна Гора – 1.коло) и втората носителка Валентина Бендова (Чешка – полуфинале).
Ивановска на патот до завршниот меч постигна четири победи од кои против двете носителки со пресврт од 0-1 до победа од 2-1. Ивановска на стартот ја победи Булатовиќ со 2-1 во сетови (46 64 64). Во втората рунда беше подобра од Марија Наиданова од Русија со 2-0 во сетови (63 75), а во четвртфиналето ја совлада Анастасија Чоловиќ од Србија со 2-0 (62 75). Во полуфиналето пресвртот беше навистина голем против Бендова, првиот сет го загуби со 6:0, следниот го доби со 6:1 и во решавачкиот беше 7:5 за македонската тенисерка.
Во финалето загуби од Поповски од Србија со 2-0 (62 60), со тоа што победничката на турнирот беше доминантна и загуби само девет гема во петте меча на турнирот.